Пандемијата, енергетската криза и европската интеграција- приоритети за Ковачевски
Димитар Ковачевски, актуелниот заменик- министер за финансии е новиот претседател на Социјалдемократите. Вчеравечер беше избран во демократска атмосфера со огромна разлика пред противкандидатите Ременски и Деспотовски, кои ја ветија натамошната поддршка на партијата. За Ковачевски, пандемијата, енергетската криза и европската интеграција се приоритетите на неговото работење...

Со освоени 37.649 гласа, Димитар Ковачевски стана новиот претседател на СДСМ. Порача дека ќе работи на обединување на партијата, на социјалдемократските вредности. За Ковачевски голем предизвик се ковид- пандемијата, енергетската криза и евроатлантскиот пат на земјата.
На внатрепартиски избори во СДСМ се гласаше на 194 избирачки места во државата. Гласаа 86,5 проценти од членството. Противкандидатот Јован Деспотовски рече дека изборите беа отворен и транспарентен процес кои доликуваат на партијата. Свој придонес и за партијата и за државата ќе даде и Фросина Ременски, која порача дека СДСМ има капацитет што треба да се искористи.
Вонредните избори во СДСМ следуваа по оставката на Зоран Заев, која ја најави на 31-ви октомври по поразот на локалните избори.
Дијана Ценевска
