Мицкоски: Доаѓаат промени во земјава
Мора да настапи времето на интелектуалците наместо медиокритетите. Ова е втората епоха за земјава, загубени се триесет години во развојот. Реизбор на Христијан Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. За него гласаа 489 од 512 членови на Конгресот во спортската арена „Јане Сандански“. Мицкоски кој одново побара предвремени избори, најави даночни олеснувања и економски раст од 4-6 насто на годишно ниво...

Стоечки овации и громогласен аплаус по реизборот на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за претседател на партијата. На 17-от редовен конгрес, кој се одржа во скопската сала „Јане Сандански“, Мицкоски беше единствен кандидат. На Конгресот учествувале 493 делегати, а гласале 492. Од нив 489 гласале за Мицкоски, а три ливчиња биле неважечки.
На конгресот под мотото „Нова генерација за нова иднина“, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања. Мицкоски во говорот најави нов концепт на делување и ги повика сите партиски определени и неопределени граѓани да му се придружат, за конечно да биде соборена актуелната власт.
„ВМРО-ДПМНЕ после овој Конгрес е со уште поголем елан и енергија за времињата што следат. Нашиот успех на локалните избори кажува дека доаѓаат промени во земјава. Народот има очекувања и надеж од нас и мораме да донесеме промени. Подгответе се, нè чека многу работа“, рече Мицкоски во говорот по изборот за претседател на партијата.
Од партијата најавија дека вонредни избори ќе се случат и побрзо отколку што некои луѓе мислат и оти на тие избори ВМРО – ДПМНЕ ќе биде новиот победник.
Катерина Топалова
