Истрагата за автобуската несреќа во Бугарија е во завршна фаза
Истрагата за автобуската несреќата во која загинаа 45 македонски државјани е во завршна фаза. Според првичните сознанија, возачот се движел со несоодветна брзина, вели заменик- главниот бугарски обвинител Сарафов. Нема никаква причинско- последична врска меѓу несреќата и лошата патна сигнализација на автопатот „Струма“...

Трагичната несреќа на „Струма“ веројатно била предизвикана од неприспособена брзина на движење на условите на патот, вели директорот на Националната истражна служба Борислав Сарафов. Сепак за резултатите од судското и техничкото вештачење како и тоа што треба да утврди како настанал пожарот и како изгорел автобусот за само неколку минути, ќе се почека уште некое време. Најверојатно пред Божиќните празници на 25-ти декември.
Трите експертизи ќе дадат конечен одговор, посочува Сарафов. Тоа што се знае е дека 90 километри на час биле надминати. Така што, патната сигнализација може да придонесе, но не може да е клучна доколку возачот ја приспособил брзината на движење, додава обвинителот.
„Барањата за еден професионален возач на автобус кој превезува 50 патници се повисоки отколку за кој било друг возач, дотолку повеќе што за таков превоз е потребен професионален возач со соодветни категориии и високи етички стандарди. Затоа, било неопходно брзината да се приспособи, независно од ознаките. Патната сигнализација не соодветствувала со патот, но во никаков случај нема никаква причинско-последична врска меѓу несреќата и лошата патна сигнализација. Таа може да придонесе но не може да е клучна доколку возачот ја приспособил брзината на движење“, вели сарафов.
И претходно дел од бугарските експерти беа со став дека причина за несреќата најверојатно е човечка грешка. Она што првично се знае дека автобусот од сѐ уште непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда. При ударот се дупнал резервоарот за гориво, по што избувнал пожар, а автобусот останал заглавен меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.
Во автобуската несреќа загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени.
Фиљана Кока
