КОВИД-19

Се интензивира битката против Омикрон

14.12.2021 12:50

Пред Божик, Австралија ги олеснува мерките за преминување на границата, откако голем дел од населението е вакцинирано и покрај појавата на Омикрон. Одлучивме да живееме со вирусот, рече австралискиот премиер Морисон. Европскиот континент ја интензивира битката против Омикрон...

Европскиот континент ја интензивира битката против Омикрон. Здравствените власти на Британија, Данска и Норвешка прогнозираат доминација на овој нов вид коронавирус во претстојниот период.

„Откако Обединетото Кралство стана првата земја која одобри вакцина против ковид-19, пред околу една година, ние сме заглавени во трката меѓу вирусот и вакцината. Успехот на нашата национална вакцинална програма ни даде предност во таа трка. Но сега, со новата варијанта, мора да работиме уште понапорно за да го задржиме водството“, вели Саџид Џавид, министер за здравство на Обединетото Кралство.

Омикрон опасност и за Австралија. Регистриран е кај десетици новозаразени лица. Но, и покрај зголемениот број, владата реши да ги отвори границите и да намали дел од мерките пред Божиќ. Во наредниот период се најавува и производство на сопствена мРНА вакцина.

„Мора да се соочиме и да живееме со вирусот. Не смееме да му дозволиме да нè врати назад. Решени сме да го сториме тоа, и ќе можеме“, изјави австралискиот премиер, Скот Морисон.

Имунизацијата приоритетна стратегија и за пандемијата во САД. Пентагон отпушти 27 војници поради одбиена ковид- вакцина. Досега доза примиле околу 97 отсто од персоналот на воздухопловните сили.

Научниците предупредуваат - иако Омикрон предизвикува помалку сериозни симптоми во споредба со претходните видови, неговото брзо ширење ќе изврши притисок врз болниците кои веќе се борат со напливот на Делта- инфекции.

Маја С. Филдишев