Израелската компанија Бен Дор заинтересирана за инвестиции во Македонија

01.04.2014 15:20

Во првата фаза компанијата би започнала со поставување на логистички центри, би се испитале можностите и пазарот, за да се утврди најдобриот модел и потенцијалните пазари, како би продолжиле и со сопствено производство...

Израелската компанија Бен Дор која развива нови сорти на овошје, е заинтересирана да инвестира во Македонија. Претставници на компанијата денеска се сретнаа со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и со министерот за странски инвестиции Џери Наумоф.

На состанокот беше дискутирано за интересот на компанијата да дојде во Македонија и да се претстави на овој пазар. Претставниците од компанијата сметаат дека местоположбата на земјата е идеална, климатските услови се повеќе од поволни, така што својата инвестиција, на почетокот, би можеле да ја насочат во отворање на центар за пакување и ладилници во соработка со постоечките производители во Македонија, и секако понатаму, имајќи огромно искуство и знаење, да ги донесат и одгледуваат единствените видови на овошје, кои што се уште ги нема на овој пазар.

Во првата фаза компанијата би започнала со поставување на логистички центри, би се испитале можностите и пазарот, за да се утврди најдобриот модел и потенцијалните пазари, како би продолжиле и со сопствено производство токму на овие единствени сорти на овошје (сливи, круши, кајсии, јаболка и праски), секако со техничка помош од министерството и Владата на Република Македонија. Се очекува во оваа фаза компанијата да понуди 10.000 тони годишно од овие производи на пазарот.

Министерот Димовски истакна дека Министерството за земјоделство веќе има воспоставено добри релации и сериозна соработка со израелското министерство за земјоделство, а исто така и со МАШАВ и дека министерството и Владата на Република Македонија би помогнале компанијата Бен Дор да ги пронајде партнерите во Македонија, а истовремено земјоделците да ги поттикне на соработка.

Компанијата во текот на оваа недела ќе ги посети општините: Демир Капија, Гевгелија, Валандово, Росоман, чие што поднебје и клима се поволни за одгледување на овошје.