Јавен сервис

57 години од емитувањето на првиот телевизиски дневник

14.12.2021 14:47

МТВ одбележува 57 години од емитувањето на првиот телевизиски дневник. Во седум депоа се чува вистинското богатство на куќата. Информативците го носат товарот на секојдневните случувања во вонредни услови и во пандемија. Горди сме на Македонската телевизија, чиј глас се слуша во светски рамки…

57 години од првиот телевизиски дневник. Личностите доаѓаа и заминуваа, но настаните поврзани со нив остануваат. Многу работи се променија, но вработените останаа на ниво на задачата.

Во седум депоа се чува вистинското богатство на МТВ, а тоа е нејзината архива. Во овие ленти има над два милиони наслови и 50.000 часови емитувана програма.

А сè што се крие на нив, како во буквар најдобро знае Кире. 43 години се грижи овие ленти да не ги фати забот на времето. Тој е иницијатор и на дигитализацијата на овие материјали.

Сите политичко-општествени настани се овековечени. Колегите кои неуморно работат сите овие години се дел од мозаикот на МТВ. Камен по камен го градат, ги оставаат својата душа, енергија, време и сила.

Информативната редакција го носи товарот на секојдневните случувања и во вонредни услови и во пандемија. Информацијата проверена и навреме до граѓаните.

Колегите со гордост се присетија на, како што велат, златните години на МРТВ, но и на пандемското време што донесе многу предизвици и премрежја. И во добро и во лошо останавме достојни на задача, горди што сме дел од јавниот сервис чиј глас се слуша во светски рамки.

Заедно се радувавме на сите спортски победи, нашата поддршка продолжува и кога има порази. Репортерите и екипите на самото место исправени пред спортските предизвици, да се долови атмосферата и што поавтентично да се пренесе во живо.

Од 1993-та националниот јавен сервис е и активен член на Европската радиодифузна мрежа. МРТ денес емитува програма на девет јазици на пет канали.

Викторија Милевска