Бројот на заразени се намалува, расте интересот за вакцинација
Бројот на новозаразени од Ковид-19 и смртните случаи се намалува, покажува анализата на Институтот за јавно здравје. Кај 76 насто од починатите регистрирани се коморбидитети. Дури 93 проценти биле во болнички услови. Во земјава и натаму доминантен Делта сојот. Расте интересот за трета „бустер“ доза вакцина...

Бројот на новозаразени со коронавирусот се намалува- покажува неделната анализа на Институтот за јавно здравје. Во изминатите седум дена, бројот на позитивни е за 8,1 насто помал, пад белажат и смртните случаи и реинфекциите. 76 насто од починатите имале коморбидитети, најчесто дијабетес и кардиоваскуларни и белодробни заболувања. Интересот за вакцинација расте, граѓаните примаат и трета доза да се заштитат од новите соеви.
Со една доза се вакцинирани 51% од населението над 18 години, а од вкупното население, две дози примиле околу 40 проценти.
Комплетно вакцинирани, со две дози, се околу 815 илјади лица, а со трета доза се вакцинирани над 80 илјади граѓани.
Бустер дозата според лекарите, штити и од новиот сој Омикрон кој во земјава засега не е детектиран.
Во текот на мината недела вкупно се пријавени 26 реинфекции, намалување од 35% во однос на претходната недела.
Александра Спировска
