Во Брисел поддршка за пристапните преговори, Петков најавува можно решение за шест месеци
Во Брисел, Совет за општи работи на ЕУ, пред лидерскиот самит во четврток и петок. Сѐ поизвесно е дека Бугарија нема да ја промени позицијата за првата меѓувладина конференција со Македонија. Преостанатите земји-членки бараат датум за старт на преговорите. Новиот бугарски премиер, Петков, најавува можно решение со Македонија за шест месеци.

Поддршка за почеток на пристапните преговри со Скопје и со Тирана од речиси сите земји- членки на Европската унија на Советот за општин работи во Брисел. Пред лидерскиот самит в четврток и петок, се бара одржување на првите меѓувладини конференции со двете земји, бидејќи секое понатамошно одложување на процесот го нарушува кредибилитетот на Европската унија. Софија засега останува на непопустливиот став и на ветото за Македонија, иако дел од министрите се надеваат да исчекор со новата бугарска Влада.
„За мене е важно да се отворат првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Ја сум многу задоволна со вестите од Бугарија дека сега се отворени за разговор за да продолжи дијалогот“, рече министерката Ана Лурман од Германија.
„Денеска мислам дека имаме добри вести, но и помалку добри вести. Добрите вести се дека новата бугарска влада прави прогрес, како и тоа што се случува во Северна Македонија, премиерот Зоран Заев направи многу, работеше многу, направи многу реформи. Се смени името на земјата за да добие шанса и мислам дела со новата бугарска влада тоа ќе оди во вистински правец“, изјави министерот Жан Аселборн од Луксембург.
На лидерскиот самит подоцна неделава, Бугарија ќе ја претставува претседателот Радев. Новиот премиер Петков, пак, со оптимистички најави. Планира да ги надградува односите во конструктивен дух. Се планира нов процес, којшто би траел најмногу шест месеци и во којшто ќе се формираат работни групи за одблокирање на пристапниот процес.
„Идејата за работните групи којашто ја презентиравме и за време на кампањата ќе биде структурирана во најкус можен рок, се надевам до јануари за да имаме јасен план кои се работните групи, коишто би ги вклучувале културата, инфраструктурата, економија, како дополнување на таа со историјата и да направиме акционен план тие работни групи да имаат реални резултати со цел да има напредок во преговорите“, изјави новиот бугарски премиер, Кирил Петков.
За време на состаноците во Брисел, многу земји- членки побараа да почнат преговорите со Скопје и Тирана и што е можно поскоро да се одржат првите меѓувладини конференции.
„Ја охрабруваме Бугарија да го реши билатералното прашање со Северна Македонија“, изјави Тути Тупурен од Финска.
„Мора да продолжиме да разговараме за процесот на проширување, и мора првиот чекор да го направиме со Албанија и Македонија“, нагласи Ева Мари Лиметс.
„Се надеваме за понатамошен напредок во однос на заклучоците за време на денешниот Совет за општи работи, особено во однос на Северна Македонија и Албанија. Сакаме да се даде поттик за процесот за пристапување на овие земји, и да се даде надеж на нивните граѓани“, додаде Томас Бурн, Ирска.
Бугарскиот предлог за одвојување на Скопје и Тирана нема поддршка.
Марина Стојанова Тонева
