Сè уште нема јавнообвинителска одлука за пожарот во тетовската модуларна болница
И по поминати повеќе од три месеци, јавнообвинителска одлука за случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово не се донесе. Вештачењето на МВР покажа постоење на електричен спој на кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор. Беа извршени уште две вештачења – од технолошкиот факултет и од електроинженер, но без извештајот на германските експерти, предметот сè уште е во фаза на предистражна постапка, посочија за МТВ од Јавното обвинителство.

Опожарената модуларна болница во Тетово сè уште сведочи за големата трагедија, која на 8-ми септември ја потресе земјава и регионот.
Полициските ленти и обезбедувањето ги нема, од местото на трагедијата веќе ништо не ни е потребно, подигнати се сите докази и материјали кои се анализираат е вештачат, посочија од Јавното обвинителство.
И по повеќе од три месеци сè уште се сослушуваат сведоци, но и други лица кои имаат сознанија за настанот.
Јавноста веднаш ќе биде информирана за германскиот извештај откако ќе го добиеме, но и за каква било наша одлука, велат од Обвинителството.
Поголем дел од граѓаните, пак сметаат дека процесот на истрагата се одолжува, па како и сè друго во државата, ќе се настојува да се скрие вистината. Во правна и демократска држава досега некој ќе понесеше одговорност, кај нас тоа го нема.
Извештајот на МВР кој беше доставен до Јавното обвинителство еден месец по трагедијата, покажа дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска, преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор, со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби.
Прегревањето на кабелот предизвикало палење на приклучната кутија. Но, ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази, кои треба да помогнат во донесувањето на јавнообвинителска одлука.
Зоран Димовски
