Последен ден за почеток на откупот на тутун
Денеска е последен ден за почеток на откупот на тутунот. Сите осум откупувачи веќе ги обезбедиле финансиските средства за исплата на родот. Годинава на тутунарите на располагање им стојат 173 откупни пунктови во целата земја. Квалитетот е подобар од лани, но се очекува дека оваа реколта количествата кои ќе се преземат ќе бидат помали.

Според најавите на монополите откупот на тутунот целосно ќе почне согласно Законот, односно најдоцна до денеска 15-ти декември. Сите осум регистрирани откупувачи обезбедиле пари за исплата на договорените количества.
Во државава се регистрирани вкупно 173 откупни пункта, каде што тутунарите ќе го предаваат годинашниот род, а навреме се доставени и мострите за проценка на класите.
Родот е многу поквалитетен од лани, велат тутунарите, но е помал од претходната реколта. Се очекува да тежи од 18.000 до 20.000 тони, а просечната цена да не биде под 220 денари за килограм. Оваа сезона, според новиот правилник, тутунот главно, ќе се откупува во три класи.
Во првата класа е зголемена и должината на тутунскиот лист, која ќе изнесува наместо до 12 , до 14, а во втората класа до 18 сантиметри. Дел од земјоделците сепак се сомневаат и сметаат дека правилникот суштински нема да ги промени состојбите во однос на реалната цена која останува непроменета за класите, а повисока може да биде единствено со подобриот квалитет на тутунот.
Методија Трајков
