КОВИД-19

Омикорн се шири со голема брзина, вакцините може да бидат помалку ефикасни

15.12.2021 12:47

Омикорн варијантата се шири со голема брзина, вакцините би можеле да бидат помалку ефикасни – вели Светската здравствена организација. За еден месец ќе биде доминантен во Европа, предупреди и Европската комисија. Апел да се почитуваат мерките- дистанца, маски, имунизација...

„Новиот вид на коронавирусот Омикрон се шири со невидена брзина и може да го зголеми притисокот врз болниците“ - предупреди Светската здравствена организација. Апелира да се почитува социјалната дистанца, носењето маски и одржувањето на хигиената. Од СЗО инсистираат праведна распределба на вакцините за да им се даде шанса и на најсиромашните да го имунизираат своето население.

„Поради појавата на омикрон, многу земји почнаа програма за дополнителни дози за целото возрасно население иако нема доволно докази за ефективноста на засилувачите против оваа варијанта. Тие ќе играат важна улога особено за високоризичните групи. Да бидам јасен: СЗО не е против засилувачите. Ние сме против нееднаквоста“, рече д-р  Тедрос Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Паралелно со здравствената, продолжува и економската криза. Туризмот повторно меѓу најпогодените сектори во пандемијата. Угостителите во Италија во голема неизвесност пред зимската сезона откако се заострија рестрикциите. Според статистиката на Националното здружение на хотелиери, годинава во Италија ќе дојдат 113 милиони гости помалку во споредба со истиот период лани.

„И двајцата сме вакцинирани со две дози, јас прележав ковид, мислам дека имам соодветен имунитет. Да се надеваме. Не знам.“

„Загрижени сме само поради евентуално откажување на летот.“

„Си заминуваме кон крајот на неделата, засега е добро, како да се враќаме во некоја нормала, но нова. Подобро е од лани.“

Мерките во Германија наидоа на побрутална реакција од противниците на рестрикциите. Полицијата во Саксонија изврши серија рации во редовите на екстремната десница откако нејзините членови му се заканувале на премиерот Михаел Кретшмер, кој е поддржувач на строгите мерки. Овој регион е со најмала стапка на вакцинирани во Германија.

„Канцеларијата на јавниот обвинител во Дрезден почна прелиминарна истрага за сериозни закани кон државата. Во овој контекст, почнати се неколку претреси со поддршка на специјалните единици, полицискиот директорат и нашите специјални одреди“, изјави Том Бернхарт, портпарол на полицијата.

Во светот од Ковид-19 починале над 5,3 милиони лица.

 

Маја С. Филдишев