Се намалуваат царинските стапки на 258 индустриски продукти
Се намалуваат или се укинуваат царинските стапки на 258 производи што се увезуваат во земјава. Министерот Бесими уверува, при процената се водело грижа за заштита на домашното производство. Фискалната импликација ќе тежи 13 милиони евра, пари што ќе одат во стопанството, велат од владата …
Се олеснува товарот на фирмите за увоз на суровини, репроматеријали и компоненти. Владата го упати во Собранието предлог законот за намалување на царинската тарифа за 258 производи со што царинскиот товар на компаниите годишно се намалува за 13 милиони евра.
Со овој чекор се зголемува конкурентноста на фирмите од автомобилската, преработувачката и текстилната индустрија, металургијата. Практично се укинува царината за увоз на природен гас со што се намалуваат влезните трошоци за енергенси за компаниите. Исто така Владата одлучила да се издвојат 10 милиони евра за формирање на Фонд за развој при Развојната банка,а се зголемува за 5 милиони евра и гарантниот фонд. Од нова година се крева и прагот за ДДВ од 2 на 3 милиони денари, најави министерот за финансии. Поскапувањата нема да го загрозат девизниот курс на денарот и тој останува стабилен, беше дециден Бесими.
Преку буџетот ќе бидат поддржани вкупно 45 илјади социјално загрозени семејства и пензионери со ниски примања. Ќе добиваат илјада денари месечно, субвенција за покривање на зголемените трошоци за енергија. Во наредните 6 месеци ЕСМ ќе ги покрива целосно потребите на ЕВН за снабдување со струја на домаќинствата и на малите фирми за што веќе се префрлени буџетски средства на ЕСМ за увоз на јаглен како и за активирање на ТЕЦ-Неготино за да се зголеми производството и испораката на струја по цена пониска од берзанската.
Свето Николовски
