Ковид-19

Намален броjот на заболени, но и вакцинирани во Куманово

15.12.2021 14:08

Значајно е намален бројот на хоспитализирани во кумановската болница. Истовремено е намален и бројот на новозаболени од коронавирусот. Но, од Здравствениот дом информираат дека е паднат и интересот за вакцинација. Се аплицира вакцината „Фајзер“, бидејќи само со неа располага Здравствениот дом...

Намален е бројот на новозаразени но и хоспитализирани со коронавирусот во североистокот. Во кумановската болница на двата оддели, во модуларната болница и на инфективно се лекуваат 38 пациенти. Значајно, односно дури за 50 проценти е помал и бројот на прегледи во дневната амбуланта.      

Куманово повеќе не е меѓу трите градови со најголем број на позитивни случаи. Согласно вчерашната статистика на Министерството за здравство, активни на вирусот во моментов се 156 лица.

Во истовреме продолжува и имунизацијата на пунктот на Здравствениот дом. Дневно се вакцинираат околу 200 лица. Вкупно имунизирани со две дози се 46.000 граѓани од североистокот, а трета доза примиле над 4.000 лица, претежно здравствени работници. Се аплицира вакцината Фајзер, бидејќи само со неа располага установата.

„Регистираме зголемен интерес за примање на втората и третата доза а имаме пад на бројот на лица кои се заинтересирани за прва доза. Падот на бројот на заинтерсирани лица кои сакаат да примат прва доза може да се должи на намалениот број мерки кои се во моментов активни и во пресрет на новогодишните празници избегнуваат“, изјави д-р Монализа Мемети, Здравствен дом Куманово.

Лекарите апелираат граѓаните да се вакцинираат, нагласувајќи дека само со вакцините ќе се стави крај на пандемијата. Од почетокот на пандемијата во Куманово се регистрирани над 13.000 случаи позитивни на коронавирусот.

 

Елена Георгиевска