Политика

Партиски реакции за извештајот од Брисел

15.12.2021 15:03

СДСМ очекува Бугарија да ја тргне блокадата, и без датум парламентарното мнозинство е стабилно – велат од партијата. ВМРО- ДПМНЕ очекува Алтернатива да ја пресипита одлуката за учество во Владата. Беса бара предвремени избори...

Сторивме сѐ за почнување на преговорите со Европската унија, ги имаме исполнето сите критериуми- вака портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска,  ги коментираше заклучоците од состанокот во Брисел.  Шефовите на дипломатиите на ЕУ не успеаа да ја разубедат Бугарија да ја деблокира Македонија.

„Како држава направивме сѐ за исполнување на условите и за започнување на преговори со ЕУ и оттаму, очекувањето Бугарија да ја тргне блокадата согласно европските вредности е навистина оправдано“, порача портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во одговор на новинарско прашање.

Од ВМРО-ДПМНЕ воздржани за недобивањето на датум за преговори. Партијата ќе причека да заврши лидерскиот самит во Брисел во петок, по што ќе го изнесе својот став. Но, според Стоилковски, дискредитиран ставот на Алтернатива за влегувањето во власта.

„Во однос на прашањето за датумот ќе се произнесеме следниве денови, да помине министерскиот совет. Во однос на учеството на Алтернатива во оваа влада доколку не добиеме датум, очекуваме Алтернатива да излезе од владата, бидејќи главната причина која што ја наведоа повеќе не постои за нивно учество во оваа власт“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Во Беса сметаат дека заклучоците ја делигитимирале власта со што се потврдува нивната одлука да го напуштат бродот кој тоне. Беса бара предвремени парламентарни избори.

За Алијанса, ветото не е единствената причина за недобивањето датум. Укажуваат дека власта не успеала во борбата со криминалот и корупцијата и со правосудните реформи.

Во заклучоците на Советот се нотира што поскоро да се отворат поглавјата со Македонија и Бугарија, но по усогласувањето и изгласувањето на преговарачките рамки, за што е потребен консензус.

 

Марина Стојанова Тонева