По НАТО, и ЕУ ја заостри реториката кон Москва
Москва се соочува со заострена реторика. По САД и НАТО, Европската унија најавува санкции кон Руската федерација. Неизвесност на стариот континент поради зголемените воени капацитети на Русија на границата со Украина.

По САД и НАТО, Москва се соочува со заострена реторика и од Европската Унија. Западните сили и натаму во голема неизвесност поради зголемените воени капацитети на Русија на границата со Украина. Владата на Киев инсистира на строги санкции за својот источен сосед.
„Сакаме мировно решение, за ова зборувавме во тристраниот формат со канцеларот Шолц и Претседателот Макрон, за можното реактивирање на нормандиската четворка. За нас е важно да има санкции и да се применат пред, а не по евентуален конфликт бидејќи ако се воведат отпосле, нема да имаат смисла. Војната трае осум години“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Можеби се соочуваме со најопасната ситуација во последните 30 години. Не зборувам само за Украина, туку и за целото источно крило на НАТО во балтичкиот регион. Треба да направиме сè што можеме за да го спречиме најлошото сценарио, кое, за жал, не може да се исклучи“, изјави Гитанас Науседа, претседател на Литванија.
Русија со демант, порача – не постои план за офанзива, мобилизирањето на војската е исклучиво за одбранбени цели.
„Нашиот претседател ја нагласи потребата за почеток на итни сериозни разговори со САД и НАТО за да се создадат меѓународни законски гаранции за безбедноста на нашата земја, со кои ќе се исклучи натамошна експанзија на Алијансата кон истокот и распоредувањето на оружје кое е закана за Русија, особено во Украина и соседните држави“, рече Јури Ушаков, советник на рускиот претседател Владимир Путин.
И додека политичарите се обидуваат да најдат решение, жителите на селата во украинските гранични региони повторно мета на спорадичните напади од проруските сепаратисти. Во последниот месец биле извршени два при што се уништени десетина куќи. Во селото Невелске останале само петмина жители. Мобилизацијата на руските трупи ги подрива надежите за одржувањето на примирјето потпишано во Минск во 2015 година.
„Кој би помислил дека повторно ќе гранатираат. Ние се подготвуваме за зимата.“
„Повторно пукаат. Но ние се навикнавме на ова. Не се овде, подалеку се.“
„Ова не е живот, но немаме каде да одиме. Да бевме помлади, ќе заминевме, ќе чистевме подови. Како да заминам сега?“
Руско-украинската хибридна војна почна во февруари 2014 година со самопрогласувањето на Доњeцк за народна Република и анексијата на Крим.
Маја С. Филдишев
