Струјата нема да поскапи повеќе од 10%, уверуваат од Владата
Од Владата уверуваат дека струјата нема да поскапи повеќе од 10 проценти. Сите анализи што ги направивме го потврдуваат ова, вели министерот за економија Бектеши. Вицепремиерот за економски прашања, Битиќи вели дека и по 1-ви јануари електричната енергија ќе биде најевтина во регионот …

Од 1-ви јануари зголемување на цената на струјата најмногу до 10 проценти, уверува министерот за економија Бектеши. Сепак, ќе чека до крајот на месецот за да види каква ќе биде одлуката на Регулаторната комисија за енергетика. Информира дека се прават модели за одредување на цена на електрична енергија со блок тарифи која вклучува намалување на цената на струјата за најранливите категории.
И вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека цената на струјата по 1-ви јануари нема да се зголеми енормно. Најави дека се подготвува енергетски пакет за 45.000 граѓани за да се ублажи евентуалното покачување на цената. Дециден е дека каква било популистичка мерка како што е замрзнување на цената на струјата не е одржлива.
Од Владата велат дека и цената на парното греење ќе зависи од цената на природниот гас. Од идната година ќе почне со изградбата новиот интерконектор со Грција што ќе придонесе во стабилизирање на состојбата и конкурентноста.
Дијана Ценевска
