Маричиќ: „Едно општество“ е концепт од кој нема да отстапиме
Според него, овој концепт даде една нова вредност во политичкото дејствување и однесување, бидејќи на овие локални избори имаше коалиции што не сме ги виделе претходно...
„Едно општество за сите“ е политички концепт кој ја промени политичката слика во државата во однос на хармонизирање на односите меѓу заедниците и дека самото носење на оваа стратегија покажа дека Владата навистина сака да се занимава со ова прашање, изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ.
Ние се сеќаваме дека во претходни фази, претходни влади го користеле прашањето на меѓуетничките, меѓукултурните и други разлики како поле за политичка битка, политички провокации, политички манипулации и инциденти кои оделе на штета на граѓаните. Донесувањето на оваа Стратегија го смени просторот и атмосферата за делување и сметам дека е тоа еден сериозно позитивен чекор, истакна Маричиќ.
Според него, овој концепт даде една нова вредност во политичкото дејствување и однесување, бидејќи на овие локални избори имаше коалиции што не сме ги виделе претходно, предизборни коалиции помеѓу партии коишто се од различна етничка припадност.
