Спасовски: Нема индикации за нарушување на безбедносната состојба
За повратниците важна е ресоцијализација, но и кривично да одговараат- дециден е министерот. За споравување со терористичките закани, САД со земјава споделува експертизи, практики и знаења - појаснува амбасадорката Брнз.

Нема никакви индикации за било какво нарушување на безбедноста на државата- тврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Уверува дека на највисоко ниво постапуваат сите единици на МВР и агенции.
„И МВР и Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање преземеме сериозни активности во насока на борба против тероризмот или спречување на какви било активности коишто би можеле да предизвикаат загрозување на безбедносната состојба. Сега во овој момент нема никакви индикации за какво било нарушување на безбедносната состојба во државата“, нагласи министерот за внатрешни работи, Спасовски.
За повратниците важна е ресоцијализација, но и кривично да одговараат- дециден е министерот. За споравување со терористичките закани, САД со земјава споделува експертизи, практики и знаења - појаснува амбасадорката Брнз.
„САД се посветени не само како партнери во НАТО, туку и на билатерален план да продолжиме да работиме на јакнење на капацитетите. Дел од тие напори се за да бидеме сигурни дека полициските службеници ја добиваат најдобрата можна обука, како да ги користат доказите од терен при кривични истраги против терористи повратници во своите земји. И да бидеме сигурни дека социјалните програми кои се применуваат за поддршка на семејствата кои се засегнати да ја добијат потребната помош за нивна ресоцијализација и закрепнување“, вели амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз.
Со американска донација од 475 илјади долари реновирани се просториите во полицискиот центар „Ѓорче Петров“.
