Евроинтеграции

ЕУ не испорача проширување, Бугарија продолжи да блокира

17.12.2021 12:57

Европската унија не испорача проширување, а Бугарија продолжи да блокира поставувајќи услови кои немаат врска со исполнување критериуми за почеток на преговори со Брисел. Словенија смета дека не успеала во намерата проширувањето да продолжи кон Западниот Балкан...

Европската унија повторно не успеа да испорача за ветувањата за проширувањето. Бугарија единствена од сите европски членки трет пат блокираше почеток на преговори поставувајќи услови за усвојувањето на преговарачката рамка за земјава што немаат врска со критериумите за почеток на преговори. Последниот совет под словенечко претседателство тешко се договори и околу формулацијата на заклучоците за проширувањето. Под влијание на Софија, наместо почеток на преговори, Унијата истакна одржувањето на првата меѓувладина конференција да се случи што е можно поскоро.

„Добри вести се дека ЕУ конечно постигна конзенсус за заклучоците во малку попозитивно светло од лани кога воопшто немаше заклучоци за проширувањето. Лошите вести се дека компромисот при усвојувањето на заклучоците е направен врз Северна Македонија и Албанија со измени во последен момент за да се задоволат барањата на Бугарија. За враќање на кредибилноста на ЕУ на Западниот Балкан треба 26 земји- членки да ја убедат 27-мата членка да ја напушти блокадата на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија“, изјави Драган Тилев од СЕП.

Неуспехот на Словенија како актуелен претседавач со Унијата го истакна и словенечкиот премиер Јанша на последниот прес од европскиот совет. Словенија смета дека не ја постигна целта за проширувањето што ја зацрта како еден од приоритетите на своето претседателство.

„Во изминативе шест месеци за време на нашето претседателство, една цел беше особено важна за нас, а тоа е проширувањето. Лично сум убеден дека проширувањето на ЕУ е во прилог на заедничките безбедносни интереси. Последните 5- 10 години ни покажаа дека ако ЕУ не се проширува, тогаш некој друг ќе го направи тоа и ќе влијае на нашата сфера на слобода и безбедност. Треба да бидеме свесни за ова во иднина“, изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Некои земји членки на последниот Европски совет изнесоа мислења дека е време за реформа на институциите и моделот на едногласно носење одлуки. По бугарскиот претседател Радев, во Брисел допатува и новиот бугарски премиер Кирил Петков на средба со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Ирина Гелевска