Брисел ќе ги продолжи економските санкции за Русија за уште шест месеци
Брисел ги продолжи економските санкции кон Русија за уште шест месеци. Би сакале да имаме подобри односи со Москва, но сѐ зависи од нивните избори, изјави претседателката на европската комисија Урсула Фон дер Лајен. Русија и натаму тврди дека раздвижувањето на армијата кон границата со Украина е исклучиво за одбранбени цели...

Деескалација или дополнителни санкции – Европската унија со ултиматум за Русија. Западот го зголемува притисокот врз Москва поради зголеменото воено присуство на границата со Украина. На самитот во Брисел, европскиот блок едногласно одлучи да ги продолжи економските санкции кон Русија за дополнителни шест месеци.
„Би сакале да имаме добри односи со Русија, но тоа зависи од изборите коишто ги прави Москва. Да нема недоразбирања – ако Русија направи потег против Украина, Унијата ќе биде во позиција да воведе санкции кои ќе ја чинат премногу“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.
Новите мерки се однесуваат на казна за руските олигарси, забрана за транскации на ЕУ со приватните руски банки и можно исклучување на сите руски банки од мрежата СВИФТ која се смета за главна артерија во системот за меѓународен трансфер на пари.
„Подготвени сме да координираме конкретни и оперативни мерки со сите наши партнери и сојузници. Нормандискиот формат мора да биде оперативен за да се спроведуваат договорите од Минск“, нагласи Шарл Мишел, претседател на Европскиот Совет.
Москва и натаму тврди дека мобилизацијата на армијата на границата е исклучиво за одбранбени цели. Претседателот на Русија Владимир Путин веќе побара законско-обврзувачки гаранции дека НАТО нема дополнително да се шири кон истокот и да распоредува оружје во близина на руската територија. За западот, овие услови беа неприфатливи. Украинците стравуваат од поторно разгорување на фронтот.
„Се почна во 2014 година. Сите беа шокирани бидејќи ги сметавме Русите за наши браќа.“
„Русија е провокаторот. Си го зедоа Крим.“
„Исплашен сум, па кој би сакал да војува?“
Конфликтот меѓу Русија и Украина почна по анектирањето на Крим. Москва ги поддржуваше сепаратистите во источниот дел на својот западен сосед во борбата против владата на Киев, а истата политика се води и во последните седум години. Во војната загинаа над 13 илјади луѓе.
Маја С. Филдишев
