Извозот расте, се менува структурата

01.04.2014 17:11

За растот најмногу придонесоа странските компании кои во слободните економски зони ги произведуваат клучните македонски извозни производи...

Македонската економија лани оствари за 6,6 проценти поголем извоз во споредба со претходната година. За растот најмногу придонесоа странските компании кои во слободните економски зони ги произведуваат клучните македонски извозни производи. Проценките на експертите се дека до крај на оваа година повторно ќе има зголемување на извозот, за најмалку една третина.

„Учиноците кои сега се извезуваат се  мултидисциплинарно обоени, односно повеќекратно е надградена основната фаза на производство, значи не се класично лон доработки туку се финални производи кои ја зголемуваат структурата, за разлика од порано кога доминатно беа земјодлеските производи, како што се тутун, некои раноградинарски производи, за разлика од сега кога веќе имаме извоз на индустриски производи“, вели Сашо Кожухаров, универзитетски професор.

Сите странски инвеститори во земјава придонесоа за промена на структурата на извозот. Од Македонија сега, се извезуваат катализатори, делови за автомобили, автобуси. Според проекциите, до крај на годинава се очекува извозот од зоните да порасне и до 50% и да достигне вкупна вредност од над една милијарда евра.

„За годинава извозот ни е обезбеден за до јули, онолку колку што планиравме. Инаку во просек имаме 100 илјади евра месечно а извезуваме во Италија, Германија, Дубаи, се надеваме на извоз и на азиските пазари“, вели Јован Поповиќ, менаџер на Витек- Текнохозе.

Рекордно највисок извоз Македонија оствари во 2011 година, кога беа извезени стоки и услуги во вредност од 4,48 милијарди долари.

 

Соња Јованова- Наумовска