Политика

Мицкоски со нов предлог- предвремени избори во мај, техничка влада во февруари

17.12.2021 13:29

Во февруари или март да се формира техничка влада, a во мај или јуни да се одржат предвремени парламентарни избори, побара на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски...

Македонија е пред сериозен предизвик со енергетската криза, а според прогнозите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, поскапувањето ќе биде меѓу 30 и 40 проценти. Како што рече на брифингот со новинарите, дополнително ќе се укине и евтината дневна тарифа. РЕК Битола е во лоша состојба, хидроелектраните се испразнети, а во буџетот недостигаат од 300 до 350 милиони евра.

Мицкоски со предлог, февруари или март да се формира техничка влада, а мај- јуни предвремени избори.

„Во ваква една ситуација на вето за евро интеграциите, реален спор со Бугарија кој нас не чини идентитет, инфлација, покачена цена на струјата, сиромаштија, растечка корупција, предвремените парламентарни избори се единственото решение. И сакам тука да сум јасен, не велам дека изборите секогаш се најдоброто решение, но во состојба кога е јасно дека постојат сериозни проблеми, кога нема начин ниту пак било каква шанса оваа влада нешто да промени, кога генерации повторно се оставени бесконечно да чекаат пред портите на ЕУ, предвремените парламентарни избори се единственото решение за излез од оваа политичка, економска, енергетска, дипломатска, сеопшта криза во државата“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски побара и општествена поддршка, на поединци, но и општествени групи да го поддржат предлогот за избори, за да не се губи повеќе време.