Изложба за културното наследство на 13 словенски градови во МАНУ
Изложбата содржи најразлични типови и форми на пишувана меморија од најстари ракописи, мапи и планови, фотографии, постери, снимки, до современи дигитални документи кои сведочат за богатото културно наследство...

„Главните градови на словенските држави низ архивски материјал“ е насловот на меѓународната изложба која се отвори во МАНУ. Изложбата ја организира државниот архив на Република Македонија, неговото одделение за градот Скопје, заедно со форумот на словенските култури и уште дванаесет архиви од главните градови на словенските држави. Изложбата во Скопје ќе биде отворена до 7 април.
Изложбата содржи најразлични типови и форми на пишувана меморија од најстари ракописи, мапи и планови, фотографии, постери, снимки, до современи дигитални документи кои сведочат за богатото културно наследство и повеќеслојна историја и традиција на 13 словенски престолнини: Скопје, Белград, Братислава, Минск, Цетиње, Москва, Софија, Киев, Прага, Варшава, Љубљана, Сараево и Загреб.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето рече дека изложбата „Историјата на словенските престолнини низ државните архиви“ е резултат на успешната работа на Форумот на словенските култури, кој веќе 10 години ги негува културните традиции на словенските народи и ги промовира како трајни и универзални вредности во глобални рамки.
