Евроинтеграции

Гир: Ништо не е променето, Брисел сака брз почеток на преговорите

17.12.2021 14:40

Евроамбасадорот Гир уверува- Брисел сака да види брз почеток на преговорите. Сега, вели евроамбасадорот, останува да се надмине актуелната ситуација со Софија...

По најновото бугарско вето, евроамбасадорот Гир уверува- ништо не е променето за европската перспектива, Брисел сака да види брз почеток на преговорите. Сега, вели евроамбасадорот, останува да се надмине актуелната ситуација со Софија.

„Сакаме да видиме отворање на преговорите што е можно побрзо со Северна Македонија. Како што кажа Европската комисија, Северна Македонија ги исполни неопходните барања за отворање на преговори. Сега треба да вложиме повеќе напори да ја надминеме актуелната ситуација и брзо да ги почнеме преговорите и да се движиме напред. Најважно од сето ова е спроведувањето на реформите со цел да се приближите кон ЕУ“, изјави евроамбасадорот Гир.

Последниот Совет под словенечко претседателство тешко се договори и околу формулацијата на заклучоците за проширувањето. Под влијание на Софија, наместо почеток на преговори до крајот на годинава, Унијата истакна одржувањето на првата меѓувладина конференција да се случи што е можно поскоро.

„Добри вести се дека ЕУ конечно постигна конзенсус за заклучоците во малку попозитивно светло од лани кога воопшто немаше заклучоци за проширувањето. Лошите вести се дека компромисот при усвојувањето на заклучоците е направен врз Северна Македонија и Албанија со измени во последен момент за да се задоволат барањата на Бугарија. За враќање на кредибилноста на ЕУ на Западниот Балкан треба 26 земји- членки да ја убедат 27-мата членка да ја напушти блокадата на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија“, изјави Драган Тилев од СЕП.

Актуелниот претседавач Словенија предупреди дека неуспехот да продолжи проширувањето го користат други страни за зголемување на влијанието во регионот.

„Проширувањето на ЕУ е во прилог на заедничките безбедносни интереси. Последните 5- 10 години ни покажаа дека ако ЕУ не се проширува, тогаш некој друг ќе го направи тоа и ќе влијае на нашата сфера на слобода и безбедност. Треба да бидеме свесни за ова во иднина“, изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Во Брисел на прва средба за запознавање со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен допатува новиот бугарски премиер Петков. Можноста бугарскиот премиер ја искористил лично да ги запознае европските функционери со бугарските услови за почеток на преговорите со Северна Македонија.

 

Ирина Гелевска