Компаниите предупредуваат:

Енергетската криза за Македонија ќе продлжи и во наредните години

17.12.2021 15:05

Опозицијата предупредува на енормно поскапување на струјата и до 40 насто, власта и денеска смирува дека нема да биде повеќе од 10 проценти. Стопанската комора прави напор да се обезбеди што е можно поевтина енергија. Оттаму велат, компаниите покажуваат жилавост, но енергетската криза за Македонија ќе продлжи и во наредните години, сѐ додека нема да бидеме толку зависни од увоз...

Покрај пандемијата, се соочуваме со енергетска криза и инфлација. Министерот за финансии, Фатмир Бесими вели дека одговорот на енергетската криза оди во две насоки. Првата е да се обезбеди потребната електрична енергија и да нема рестрикции, втората да се ублажи ценовниот ефект. И додека опозицијата предупредува на енормно поскапување и до 40 насто, власта смирува дека нема да биде повеќе од 10 проценти.

Стопанската комора на Македонија прави напор да се обезбеди што е можно поевтина енергија. Оттаму се надеваат дека владата ќе остане на својата определба, дел од производената енергија од ТЕЦ Неготино да ја упати директно кон членките на комората, односно на економијата.

Според првиот човек на комората Азески, кризите долго време ги исцрпуваат и безнисот и ресурсите на компаниите и на државата, но според него, макединските компании досега покажале голема жилавост.

Енергетската криза моментално е присутна во европа поради општите случувања, но за Македонија ќе продлжи и во наредните години, сѐ додека нема да бидеме толку зависни од увоз, истакна директорот на Стопанската комора, Пешев.

Во земјава проблем е малата потрошувачка на гас и затоа имаме висока цена.

 

Марија Котовска