Град Скопје

Арсовска ветува: Бесплатен јавен превоз за две години

17.12.2021 15:23

Бесплатен јавен превоз за две години откако ќе се санираат долговите на ЈСП. Арсовска нема намера да го спроведе проектот БРТ на Шилегов. СДСМ со жестоки критики...

Јавниот превоз во Скопје за две години ќе биде бесплатен, ветува градоначалничката Арсовска. На брифинг со новинарите, таа рече дека проектот ќе се одвива етапно. Планирано е во првата фаза да се набават 150 автобуси, коишто ќе бидат купени преку грантови. Но, ова треба да се направи дури откако ќе се санира долгот на ЈСП, кој како што рече Арсовска, надминува 2 милиони евра. Таа го повтори ставот дека нема да го спроведе проектот на нејзиниот претходник Шилегов „Бас рапид транзит“, бидејќи тврди дека анализите покажале импликации врз животната средина.

„Она кое што го видовме презентирано како револуционерно, е само на штета на граѓаните, затоа што за тој БРТ - превоз нема одлука од Советот на Град Скопје. Дополнително има импликации врз начинот на кој овој град ќе се развива во иднина, ќе има импликации врз животната средина, по главното водоснабдување, да не зборуваме за сите пречки кои ќе ги има од аспект на легислатива кои ќе треба да се направат“, рече градоначалничката Арсовска на брифингот со новинарите.

Скандалозно е прекинувањето на проектот за ефикасен и еколошки транспорт, кој се спроведуваше со поддршка од ЕБОР, вреден 70 милиони евра реагираат од СДСМ. Од партијата велат дека оправдувањата за неговото укинување кое ги дава Арсовска се невистинити и контрадикторни.

ЈСП кон крајот на годинава ќе почне да воведува ноќни линии и автобуски превоз на места во градот каде што сега нема, а за неколку недели ќе почне со работа жичницата на Водно која откако почна пандемијата не работи, изјави новиот директор на Иван Илиевски. Тој вели дека голем број автобуси не се во функција, а претпријатието било лошо менаџирано.

Арсовска рече дека долгот на Град Скопје е над 50 милиони евра и најави ревизија на работата на претходната администрација.

 

Викторија Милевска