Ковид-19

Филипче: Нема потреба од воведување на нови рестриктивни мерки

17.12.2021 16:21

Мерките за заштита од коронавирусот остануваат исти бидеќи се димензионирани за да не се создаваат турканици во болниците. Ова во Охрид го изјави министерот за здравство Венко Филипче, посочуваќи дека тие придонеле во здравствените установи да имаме стабилна состојба за разлика од регионот, при што изрази надеж дека нема да има влошување на епидемиолошката состојба...

Иако новиот сој на коронавирусот Омикрон е присутен во некои од соседните земји, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести се уште не размислуваат за воведување на дополнителни рестриктивни мерки. Според министерот за здравство Венко Филипче причина за тоа се стабилната епидемиолошка состојба и континуираното намалување на бројот на новодијагностицирани случаи. Како што рече тој во втората анализа, односно проверката во делот од примероците на дијагностицирани случаи не е пронајден ниту делта плус сојот.

„Сметам дека нема потреба од никаква рестрикција, но апсолутно има потреба од почитување на протоколите кои што секако и сега се веќе пропишани и на сила. Така што сите овие престојни празници апсолутно луѓето да водат сметка за групирањето, носењето маскидржењето дистанца. Многу е битно тоа за повторно да не се соочиме со влошување на епидемиолошката состојба“, изјави министерот за здравство, Филипче.

Оваа вест секако позитивно ќе влијае на посетеноста на хотелските објекти долж охридското крајбрежје во текот на новогодишните и божиќните празници. Уште повеќе ако се знае дека процентот на имунизирани охриѓани е над 65 проценти. Она што го зголемува оптимизмот се информациите што доаѓаат од хотелско-угостителскиот сектор кои што говорат дека најголемиот дел од персоналот е имунизиран.

„Последиов месец дена бројот на вакцинирани во Охрид на дневна основа изнесува 100, а со тоа се зголемува и вкупниот број вакцинирани во градот Охрид. Претежно и понатака останува заинтересираноста за трета доза, а за прва доза отпаѓа една третина од бројот на вкупно вакцинирани на дневна основа“, вели д-р Соња Мариноска, Здравствен дом Охрид.

Министерот Филипче денеска посочи дека несаканите ефекти кај помладите лица по вакцинирањето се незначителни при што на местото на вакцинирањето чуствувале болка или имале црвенило. Поради тоа во планираните вакцини за наредната година дел се предвидени за децата, а според досегашните најави се очекува донација на 250 илјади дози „Фајзер“ од Данска и донации од Италија.

 

Сашо Нелоски