Заев, Вучиќ и Рама со повик за приклучување на соседите кон „Отворен Балкан“
Желбата на нашиот народ да биде прифатен од членките на ЕУ повторно и повторно беше попречена од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината. Тоа резултираше со разочарување, нестабилност, иселување и недостаток на големи инвестиции, стои во отвореното писмо.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, испратија отворено писмо за Западен Балкан, кое го објави црногорскиот весник „Дан“. Во заедничкото писмо, политичарите пишуваат дека Европа не е континент, туку визија, а граѓаните на Западен Балкан се предолго изоставени.
Желбата на нашиот народ да биде прифатен од членките на ЕУ повторно и повторно беше попречена од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината. Тоа резултираше со разочарување, нестабилност, иселување и недостаток на големи инвестиции, стои во отвореното писмо.
Тројцата државници потсетуваат дека во минатото се потпишале договори со кои е овозможено на граѓаните слободно да работат едни кај други, биле намалени граничните контроли и се воспоставени механизми за слободно патување.
Иако иницијативата „Отворен Балкан“ ги опфаќа само Србија, Албанија и Северна Македонија, потписниците посочуваат дека Иницијативата е отворена за сите земји од Западниот Балкан. Ги повикаа соседите да се придружат и да им ги понудат на своите граѓани поволностите што ги уживаат граѓаните од иницијативата „Отворен Балкан“.
