Долга е листата со пост-ковид компликации
Долга е листата на штетни последици по здравјето на пацинетите кои имале потешка форма на Ковид- 19. Дел од пациентите бараат помош и откако се пуштени како негативни, информираат од кумановската болница. Проблемите се различни, кардиоваскуларни и мозочни, дијабетес, психолошки...

Широк е дијапазонот на пореметувања кои можат да се јават како пост-ковид компликации, кај пациентите кои што имале потешка форма на коронавирусот. Од кумановската болница информираат дека како последица на ковид, пациентите доживуваат инфаркти и мозочни удари, имаат проблеми со бубрезите, нивото на шеќерот во крвта, се жалат на опаѓање на косата.
На ковид одделите велат има и пациенти кои се негативни, но сѐ уште не можат да ги пуштат дома, бидејќи како резултат на силен воспалителен процес кој ги зафатил белите дробови, развиле фиброзни промени и се зависни од кислород. Лекувањето велат, трае долго.
„Имавме пациенти кои развиле акутна бубрежна инсуфициенција дури завршиле и на дијализа како резултат на компромитирана циркулација и покачени деградациони продукти во урината, но кај дел од нив се нормализирала состојбата, дел од нив останале со трајно оштетување .Не е мал бројот и на случаи кои развиле дијабет“, вели д-р Снежана Захариева, директорка на Општа болница Куманово.
Здравствените лица укажуваат и на психолошките проблеми кои што остануваат. Мирисот и вкусот кои се меѓу првите симптоми на вирусот, не се исти кај сите пациенти. Кај некои велат нарушувањата траат подолго време.
„Останува нешто што би го класифицирале како анксиозност, нарушен сон, депресија и слично, така што добар дел имаат и потреба од психолошка помош. Некои се жалат и на опаѓање на коса колку тоа и да изгледа безначајно, кај дел од нив се враќа назад со земање витамини слично, кај некои останува и подолго време“, дополнува д-р Захариева.
За да се спречат ваквите комплкации, лекарите апелираат пациентите кои прележале ковид, особено оние кои имаат коморбидитети и се во понапредна возраст, задолжително да вршат редовни здравствени контроли и анализи.
Елена Георгиевска
