Земјоделство

Ниските температури нема да влијаат на вегетацијата

20.12.2021 09:42

Неделава нѐ очекуваат временски услови без врнежи, а температурите ќе се движат од минус 11 до плус 9 степени. Ваквото време нема големо влијание на земјоделските култури кои пред календарскиот почеток на зимата подготвено влегоа во фазата на презимување. За работа остануваат само активностите на градинарите во пластениците и во оранжериите.

Зимата чука на врата, а променливото и студено време, по обилните врнежи од дожд, но и од снег кој се спушти и на пониските места, беше главната карактеристика во изминатата седмица.

Ова е период од годината кога освен тутунопроизводителите кои пред предавањето ја вршат примарната обработка на тутунот во домашни услови за што имаа и оптимална влажност на воздухот, работи на отворено со мали исклучоци скоро и да нема.

Оваа недела се очекуваат временски услови без врнежи, со повремена облачност, со минимални температури кои ќе се движат од -11 до -3, додека дневните се очекува да бидат од 0 до 9 степени, што е вообичаено за овој период од годината.

Ваквите временски услови, па и минусните утрински температури, кога вегетацијата презимува, немаат некое поголемо влијание на земјоделските култури.

Доколку почвените услови им дозволуваат на земјоделците, сеуште може да се садат овошки, велат агрометеоролозите, додека работите во пластеничкото и оранжериското производство каде што се работи во контролирани услови не престануваат со вообичаената динамика.

 

Методија Трајков