Евроинтеграции

Сијарто: Незапочнувањето на преговорите со Северна Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ

20.12.2021 11:05

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто е во еднодневна работна посета на Скопје. Во МНР пречекан од неговиот домаќин Османи. Во фокусот на разговорите последните заклучоци на Советот за општи работи на Европската унија и ветото од Бугарија...

Незапочнувањето на преговорите со Северна Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ, бидејќи направивте сѐ што е неопходно за да се отвори преговарачкиот процес, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто на заедничката прес-конференција во Скопје со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Ние бевме незадоволни и фрустрирани од заклучоците во Брисел во врска со проширувањето и сите тие одлуки ги сметаме за многу неправедни. Ако сакавме да бидеме чесни ќе требаше да кажеме уште во оваа година Северна Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите. Со почит ги замолуваме нашите пријатели од Бугарија нивните национални прашања што ги сметаат како пречка да ги реализираат во текот на преговорите, а не со попречување на започнувањето на преговорите, нагласи Сијарто.

Тој оцени дека изостанувањето на почетокот на преговорите е нарушување на кредибилитетот на ЕУ, бидејки од една страна ЕУ признава дека Македонците направија голем напредок, а од друга страна не ги започнува преговорите. Оваа состојба ја сметаме за штетна, опасна и спротивна на принципите на ЕУ и по прашањата за безбедноста и по прашањата на економскиот развој, дополни Сијарто.