Ревизија

Операторите на мали хидроцентрали не уплатиле во буџетот околу 22,8 милиони денари

20.12.2021 14:26

Операторите на мали хидроцентрали не уплатиле во буџетот околу 22,8 милиони денари за воден надоместок. Државниот завод за ревизија утврдил пропусти во постапката за издавање концесии. Според ревизорите, малите хидроцентрали не уплатиле 41% од вкупно пресметаниот надоместок за водно право...

Операторите на мали хидроцентрали не уплатиле во буџетот околу 22,8 милиони денари за надоместок на водно право, констатирал државниот ревизор. Биле утврдени пропусти во постапката за издавање на концесии, а и контролата од надлежните институции не била ефикасна. Малите хидроцентрали лани учествувале со 4 проценти во производство на струја, а последниве 10 години добиле 90 милиони евра, што е за 41 милион евра повеќе од пазарната вредност поради користење на повластените тарифи, констатирале ревизорите.

Според државната ревизија, малите хидроцентрали не уплатиле 41% од вкупно пресметаниот надоместок за водно право. Јавните повици за 61 насто од вкупниот број доделени концесии биле објавени пред донесувањето на стратешките документи.

Неправилности биле констатирани и кај елаборатите за животната средина. Биле одобрувани без да се согледаат вистинските ефекти врз речните екосистеми, велат ревизорите.

 

Сунчица Николоска