По Шекеринска и Филипче, се повлекува и Царовска
По Шекеринска и Филипче, и министерката за образование нема да биде дел од новата влада на Ковачевски. Царовска вели дека во периодот на нејзиното министерување направени биле крупни реформи во образованието. ДУИ без кадровски промени во новиот кабинет...

По Министрите за здравство, Филипче, и за одбрана Шекеринска, повлекување од функцијата во Владата најави и министерката за образование, Мила Царовска. Таа не откри зошто донела одлука да не биде дел од новата Влада, туку само кратко изјави дека во изминатите години работела во интерес на граѓаните.
Во ресорот образование треба да биде назначен и нов заменик- министер откако оставка даде Арафат Шабани од движењето Беса, а отсега со таа функција ќе раководи Алтернатива. Дали ќе има кадровските промени и во Министерство за надворешни работи, според Бујар Османи за тоа ќе треба да одлучи партиското раководство на ДУИ. Тој е на ставот дека на државата не ѝ се потребни нови избори во услови кога е обезбедено ново политичко мнозинство.
Премиерот Заев оставката која ја најави по вториот круг од локалните избори, ќе ја депонира во Собранието по годишното обраќање на претседателот Пендаровски в среда.
Димитар Ковачевски е избран за нов мандатар кој ќе треба да го состави новиот Владин кабинет, во кој три министри од СДСМ најавија дека нема да учествуваат.
Новиот коалициски партнер Алтернатива, пак, одлучи Беким Сали да го предложи за нов Министер за здравство, со Информатичко Општество ќе раководи Адмирим Алити, а Џемаил Чупи ќе биде министер без ресор – одговорен за дијаспората. Од партијата најавија дека деновиве ќе ги објават и ностителите на други јавни функции.
Викторија Милевска
