На аукција се продава АД Славија, ВМРО-ДПМНЕ обвини за нова афера
ВМРО-ДПМНЕ обвини за нова афера. Според опозиционерите - власта се обидува, имотот на Славија којшто вреди над 20 милиони евра, да го продаде за цена од 218 илјади евра. Првиот човек на Агенцијата за управување со одземен имот одговара – партијата изнесува неточни информации. Оттаму велат, вредноста на компанијата е далеку помала, бидејќи имотот на Славија уште од порано бил распорават тајно и на парчиња...

Со почетна цена од 218.535 евра на аукција се продава АД Славија. Опозициската ВМРО – ДПМНЕ обвини за нова афера, во која, како што велат, за 51 евро од акција се сакало да се приграби евтино целокупниот имот на некогашниот гигант кој според опозициската партија вреди меѓу 15 и 20 милиони евра.
Од партијата рекоа дека прво требало да се направи проценка на имотот, а потоа да се оди на аукција. Последната проценка е од 2012-та кога акцијата на Славија чинела 17.15 евра.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, преку која е закажана аукцијата за АД Славија, тврди дека имотот на фирмата е обезвреднет низ годините кога ВМРО-ДПМНЕ била на власт, па се продавал тајно и на парче. Тој рече дека не се продава имот, туку на аукција се огласени се акциите.
Асани тврди дека од 2012та до 2017-та биле распродадени 70 проценти од целокупниот имот на Славија.
Опозициската ВМРО – ДПМНЕ најави дека во следните денови ќе излезе со нови детали околу продажбата на АД Славија која иако беше приватизирана, поради неисполнување на обврските на сопственикот кон државата, повторно се најде во владение на Агенцијата за одземен имот.
Миле Ристески
