По реакциите во јавноста, повлечена предлог- листата за помилување
Повлечена е предлог-листата за помилување, којашто предизвика бура од реакции во јавноста поради дел од имињата коишто се најдоа на неа. Министерот за правда, Бојан Маричиќ појаснува – листата ја правеле затворите, а не ресорот. Вратена е на повторно одлучување. Објавениот документ – причина за жестоки критики од партиите кон власта...

Министерството за правда ја повлече предлог-листата за помилување откако јавноста реагираше поради дел од имињата коишто се најдоа на неа. Министерот Маричиќ рече дека списокот којшто протекол не бил конечен и требало допрва да се разгледува, но, за да се превенираат реакции бил повлечен уште пред да дојде на разгледување во Комисијата. На листата беа имињата на Александар Василевски Нинџа, осуден за собраниските настани, на Сеад Кочан осуден во случај на поранешното СЈО и на Бобан Илиќ осуден за сообраќајната несреќа во којашто загина малиот Алмир од Куманово.
Но, и покрај повлекувањето, не стивнаа реакциите од партиите. ВМРО-ДПМНЕ со критика оти на списокот се нашол и Василевски – Нинџа. Од партијата на Африм Гаши побараа претседателот Пендаровски да не го прифаќа барањето за помилување на Бобан Илиќ. Од Алијансата за Албанците симболично истурија црвена боја на влезот на Министерството за правда и побараа оставка од министерот и неговиот заменик.
Според Законот, право на помилување имаат сите затвореници кои ги исполнуваат условите, но дали барањето ќе им се прифати зависи од Комисијата за помилување која дава препораки до шефот на државата кој ја носи финалната одлука.
Анита Димитријевска Велковска
