Македонија

Повторно проблеми со водоснабдувањето во Тетово

20.12.2021 14:49

Дефект на новата водоводна линија на Лешница, ги остави тетовци без вода за пиење. Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека сѐ до негово санирање, градот ќе се соочува со седумчасовни рестрикции. Но, дел од граѓаните се жалат на целодневни прекини во водоснабдувањето.

Тетовци жедни покрај Шара и со два водоводи. Веќе четврти ден граѓаните полнат резерви во шишиња и буриња. Во некои населби, од чешмите не протекува вода во текот на целиот ден.

Од ЈКП Тетово, велат дека рестрикциите во водоснабдувањето се неминовни, поради дефект на главната водоводна линија во Лешница. Се работи за непристапен терен на Шара, каде има и над половина метар снег. Но, екипите се на терен, работат на санација и се очекува деновиве да се нормализира водоснабдувањето во градот.

Моментално градот со вода се снабдува од стариот водовод, а во функција се пуштени и бунарите. Водата во градскиот резервоар достигнува до 200 литри во секунда, што не е доволно да ги задоволи потребите на градот, поради нефункционалноста на новиот водовод.

Но, ова не е прв пат да се појави дефект на водоводната линија во Лешница. Веќе неколку пати во оваа месност, избиваат цевки, па тетовци со денови остануваат без капка вода.

Целата нова водоводна линија во Лешница во должина од околу 26 километри е во ризик од постојани дефекти.

 

Зоран Димовски