Регион

„Отворен Балкан“: Во Тирана средба на Заев, Вучиќ и Рама, ќе се потпишат договори за регионална соработка

21.12.2021 09:13

Премиерот Заев, заедно со српскиот претседател Вучиќ и нивниот домаќин, албанскиот премиер Рама, денеска го почнуваат официјалниот дел на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, што овој пат се одржува во Тирана. Ќе бидат потпишани неколку билатерални и трилатерални договори...

Премиерот Заев, заедно со српскиот претседател Вучиќ и нивниот домаќин, албанскиот премиер Рама, денеска го почнуваат официјалниот дел на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, што овој пат се одржува во Тирана. Ќе бидат потпишани неколку билатерални и трилатерални договори.

Во пресрет на самитот во Тирана, Вучиќ, Рама и Заев во отворено писмо ги повикаа останатите држави од регионот да се приклучат кон иницијативата, нагласувајќи дека тоа не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку голем чекор кон тоа.

Во македонската делегација, што ја предводи премиерот Заев, се замениците министри за финансии и за земјоделство, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и голем број стопанственици.

Премиерот Заев по синоќешната вечера во Елбасан во објава на Фејсбук информира дека ќе се потпишат повеќе договори за реалните придобивки и добробит на народите.

„Од првата средба во Скопје во јули до првото потпишување на договорите коешто ќе се случи во Тирана, покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции. Со тоа, го потврдуваме нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи и политики за регионална соработка“, истакна Заев.

Според лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, оваа иницијатива е многу значајна за регионалниот развој на економијата и олеснување на движењето на луѓето, услугите и стоките во регионот.

Заев, Рама и Вучиќ ќе потпишат заеднички договор за услови за слободен пристап на пазарот на труд во Западен Балкан, како и договор за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.

Потоа, министрите за земјоделство на Албанија и на Србија, Фрида Крифца, Бранислав Недимовиќ и заменик министерот Трајан Димковски ќе го потпишат Договорот за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарната и безбедноста на храната и животните.

Исто така, се планира потпишување на Договорот меѓу Владата на Македонија и Советот на министри на Албанија за взаемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти за сигурност и безбедност (АEOС), како и на Договорот меѓу Владата на Србија и Советот на министри на Албанија за заемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти (АЕОС).

Синоќа во албанската престолнина имаше масовни протести на опозицијата. Беше запалено и српското знаме.