Шентоп: Турција моќно го поддржува напредокот на процесот на полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ
Турција целосно го поддржува напредокот на земјава за полноправно членство во Европската унија. Претседателот на Големото турско собрание Шентоп денеска во Скопје на средба со Џафери и Пендаровски. Се обрати и пред пратениците во Собранието...

Им посветуваме значење на евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија и се надеваме на отстранување на пречките во оваа насока, порача претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп на седница на Собранието.
Северна Македонија, која со членството во НАТО си ја запечати целта во оваа насока, несомнено има заедничка иднина со Европска Унија. Турција моќно го поддржува напредокот на процесот на полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, рече Шентоп.
Пред пратениците тој посочи дека континуирано ги охрабруваат претприемачите од Турција на најдобар можен начин да го искористат потенцијалот што го нуди нашата држава. Турските компании во земјава реализираа инвестициите во вкупна вредност од 1,3 милијарди долари, со над 5.000 вработувања.
Достигнатиот импулс во билатералната трговија, како што рече Шентоп, ќе придонесе во блиска иднина да се постигне заедничката цел од милијарда долари.
Во обраќањето, Шентоп на турската заедница во земјава им го честиташе 21-ви декември – Денот на настава на турски јазик.
По церемонијата на свечен пречек со високи државни и воени почести пред законодавниот дом, Шентоп имаше средба со неговиот домаќин Талат Џафери. Шентоп оствари средба и со претседателот Пендаровски. Било оценето дека билатералните односи се развиваат во духот на традиционално пријателство и партнерство.
Игор Панов
