ДКСК со иницијатива за кривично гонење на поранешниот министер за култура, Исмаили
Антикорупционерите со иницијатива до Основното јавно обвинителство за кривично гонење на поранешниот министер за култура Хусни Исмаили поради сомневање дека сторил кривично дело - злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24-ти јули 2020-та. Комисијата го затвори предметот против поранешниот претседател Иванов за унапредувања во армијата поради променета фактичка состојба...

Антикорупционерите до Основното јавно обвинителство поднесле иницијатива за кривично гонење против поранешниот министер за култура Хусни Исмаили поради сомневање дека сторил кривично дело - злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24-ти јули 2020-та.
Од Антикорупциска појаснија дека Исмаили постапувал спротивно на Законот за буџети и Законот за извршување на буџети за 2020-та година со тоа што во постизборен период потпишал околу 100 договори и анекси со што создал обврска за буџетот за 2020 година на министерството за култура од над 33 милиони денари.
Токму овој поранешен министер сега е предложен за потпретседател на Собранието според новиот коалициски договор на актуелната власт со Алтернатива. Инаку комисијата посочи дека при вработувањата не престанува праксата да се злоупотребуваат дискреционите права.
На седницата беа разгледувани предмети од различни области кои ги засегаат граѓаните.
Фиљана Кока
