Вработени во Славија: Одлуката за продажба без направена проценка е скандалозна
Државата продава акции кои преставуваат 97% од вкупниот број акции и поради тоа неспомнувањето и непреземањето грижа за сите 30 вработени е крајно неодговорно и скандалозно, особено ако во предвид се земе економската криза, велат вработените...

Продажбата на акциите на АД Славија со почетна цена од 51 евро без направена проценка е скандал кој мора да го испитаат Комисијата за спречување на корупцијата, јавниот правобранител, но и вицепремиерот за спречување на корупцијата – реагираат 30-тина вработени од Славија. Посочуваат дека државата продава субјект кој сам се одржува и обезбедува приходи. Не негираат дека до 2017-та се продавал имот по направена обемна проценка, но со парите се подмириле долгови, но и поранешни вработени.
Државата продава акции кои преставуваат 97% од вкупниот број акции и поради тоа неспомнувањето и непреземањето грижа за сите 30 вработени е крајно неодговорно и скандалозно, особено ако во предвид се земе економската криза, велат вработените.
ВМРО – ДПМНЕ објави дека на аукција со почетна цена од 218.535 евра ќе се продава Славија. Тврдат дека само управната зграда и магацините чинат над 9 милиони евра. Не е направена проценка на имотот, што е основа за продажба.
За СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ шири лаги и дезинформации бидејќи во нивно време се распродале 70 проценти од имотот на Славија. Владеачката партија смета дека со продажбата на имотот до 2017-та обезвреднета е фирмата. Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани тврдеше дека не се продава имотот туку акциите на Славија.
Аукцијата за продажба на Славија е закажана за пред Нова година.
Миле Ристески
