Охрид

Хотелите солидно ќе се исполнат за новогодишните празници

21.12.2021 15:42

Интересот за доаѓање на туристи од земјава и странство за новогодишните празници во Охрид е сѐ поголем. За разлика од првите десеттина дена на декември кога резервациите беа минимални во моментов дел од хотелите веќе ги имаат распродадено новогодишните аранжмани. Добра посетеност очекуваат и угостителите кои се надеваат дека стабилната состојба со коронавирусот ќе потрае до Водици што ќе им овозможи да ги надополнат загубите во годинава што изминува...

Иако на почетокот на декември најавите за доаѓање на туристи за новогодишните празници во Охрид беа повеќе од скромни, во последните десеттина дена ситуацијата е драстично променета. Интересот за новогодишните аранжмани е се поголем, некои од хотелите се скоро целосно распродадени, а според најавите гости ќе допатуваат од земјава и соседните држави. За нив во дел од хотелите ќе се организира традиционалната свечена новогодишна вечера пропратена со музичка програма, додека во другите објекти забави нема да се организираат бидеќи менаџерите процениле дека тоа е неисплатливо поради протоколите за заштита од коронавирусот.

„Позитивно сме изненадени од интересот кој што се повеќе се зголемува при крајот на месецов, односно пред самата Нова Година. Ќе имаме одличен дочек , верувам дека и Охрид ќе биде убаво исполнет во споредба со лани кога воопшто не организиравме. Треба годинава да бидеме задоволни бидеќи што е најважно -да влеземе со гости во новата година“, вели хотелскиот менаџер,  Тоше Чочороски.

И од угостителскиот сектор велат дека сигналите што доаѓаат во пресрет на празниците се охрабрувачки и очекуваат исполнети капацитети за новогодишната ноќ.

„Очекуваме дека оваа година интерсесот ќе биде мошне зголемен за разлика од минатата година кога што паметиме имавме комплетно затворено се за самиот дочек. Меѓутоа мораме малку да бидеме проширени во видиците, да гледаме што ќе се случува пред и после празниците“, вели Михаил Мишев, претседател на Угостителски еснаф Охрид.

Што се однесува до цените на услугите во угостителските објекти според Мишев тие ќе бидат зголемени онолку колку што ќе биде повисока набавната цена на производите, додека во хотелите дводневните, односно тридневните аранжмани ќе чинат од 75 до 140 евра по лице во зависност од категоријата на објектите.

 

Сашо Нелоски