Заклучоците на Брисел пред пратениците

Димитров: За евентуално решение со Бугарија мора да расправа и Собранието

21.12.2021 15:56

Нереални ветувања водат само до големи разочарувања, изјави пратеникот Антонијо Милошоски на комисиската расправа за извештајот од Европската комисија за земјава. Според него, очигледно е дека Македонија ќе заврши и во 2022-ра без почеток на преговори, се осврна и на оценувањето на комисијата за напредокот во реформирањето. Вицепремиерот Димитров реплицираше- не ни оди во прилог да изнесуваме вакви мислења кога јавно сите значајни државници од Унијата јасно кажаа дека сме подготвени за почеток...

Македонија не го доби она што го заслужува уште од 2009- та година, а тоа е датум за старт на преговорите со Унијата, истакна пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи ги заклучоците на Советот за општи работи во Брисел.

Ако порано изговорот беше спорот со Грција, сега тоа е проблемот со Бугарија, смета Милошоски, нагласувајќи дека според него, пречките што ги поставуваат соседите не се некоординирани и самостојни потези на една земја-членка, туку станува збор за дискретна координација со повлијателни актери.

Споредувајќи ги, пак, оцените од досегашните извештаи за Македонија, Милошоски констатира дека годинава земјава има најслаба просечна оцена.

Она што посебно разочарува е унилатералната декларација на нашите соседи по повод усвојувањето на заклучоците, во кои Бугарија дополнително објаснува како ги чита заклучоците, истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Тој информира дека според бугарската декларација, усвојувањето преговарачката рамка нема да значи автоматски почеток на преговори. За евентуално решение со Бугарија, мора да расправа и Собранието, вели вицепремиерот Димитров.

Реформите со во сржта на заклучоците и извештајот за земјата, исткана евроамбасадорот Дејвид Гир.

Проширувањето е еден трансформирачки процес и секој чекор во реформите е чекор помалку што треба да се направи откако ќе почнат преговорите, истакна Гир.

Марија Котовска