Здравство

Намален бројот на новозаразени и на хоспитализирани со Ковид-19

22.12.2021 09:23

Во минатата недела (13-19 декември) биле регистрирани 36 реинфекции на коронавирусот, а од почетокот на епидемијата вкупно се пријавени 1.013 повторени инфекции односно 0,46 отсто од вкупно 221.411 заразени заклучно со 19 декември.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, бројот на новозаразени од Ковид-19 е намален 8 отсто минатата седмица во споредба со претходната. Од 13 до 19 декември заболеле 1.922 лица.

Тестирани се 19.943, за 8,1 отсто повеќе од претходната седмица. Процентот на позитивност се движи од 6,9 до 12,4, а просечно 9,6. Најмногу новозаразени има во Скопје.

Пријавени се 66 смртни случаи, најмногу (19) во Скопје и од возрасната група над 60 години (80,3 проценти). Во минатата недела (13-19 декември) биле регистрирани 36 реинфекции на коронавирусот, а од почетокот на епидемијата вкупно се пријавени 1.013 повторени инфекции односно 0,46 отсто од вкупно 221.411 заразени заклучно со 19 декември.

Хоспитализирани се 347 пациенти што е за 18,7 отсто помалку од претходната недела. Од нив, 243 се на кислородна поддршка и 12 на механичка вентилација.

Според податоците на ИЈЗ за вчера, регистрирани се 335 нови случаи на Ковид-19 од 3.543 тестирања, од кои 179 во Скопје. Евидентирани беа 515 оздравени пациенти и 13 починати лица. Осум се починати во 24 часа, а пет се со датум на смрт од 26 ноември до 16 декември 2021.  Вкупниот број смртни случаи како последица на коронавирусот достигна 7.838. Активни случаи во целата држава има 5.182.