Финансиска поддршка

Субвенции за предадено овошје и зеленчук во преработувачките капацитети

22.12.2021 09:53

Привршува рокот за пријавување на субвенции за предадените количества на овошје и зеленчук во преработувачките капацитети. Финансиската поддршка за овоштарите и градинарите изнесува три денари за килограм. Пријавувањето е електронски или со помош на подрачните единици на Министерството за земјоделство...

Уште само три дена, односно до 25-ти декември ќе можат да се поднесуваат барања за субвенции за продаденото овошје и зеленчук во преработувачките капацитети.             

За овошните и  градинарските  култури можат да аплицираат сите земјоделски стопанства кои своето производството го предале за преработка во конзервната индустрија во периодот од 26-ти декември 2020-та до 25-ти декември годинава.

Висината на поддршката изнесува три денари за килограм за сите видови на овошје и на зеленчук.

Земјоделците заедно со барањата, треба да достават и потврди издадени од регистрираниот преработувачки капацитет во кои ќе биде јасно назначена големината на предадените количества.

Барањата може да се поднесуваат по електронски пат во Платежната агенција или заедно со помош на подрачните единици на Министерството за земјоделство.

Сите баратели при поднесување на апликациите треба да внимаваат на точноста на наведените податоци.

Доколку увидат дека при пријавувањето во документите е направена некаква грешка, корекција може да направат во рок од 30 дена.

 

Методија Трајков