40 годишен јубилеј на хорот „Менада“

22.12.2021 10:21

Хорот има повеќе настапи со нашата Филхармонија и има издадено повеќе аудио и ЦД записи, добитник е на 19 Ноемвриската награда на град Тетово, како и наградата „Кирил Пејчиновиќ“.

Градскиот женски младински хор „Менада“ од Тетово го одбележа 40 годишниот јубилеј од своето основање и работа. На репертоарот хорот има околу 300 композиции од разни жанрови: од ренесанса преку класика, современи композиции, македонски музички фолклор и евергрин композиции. Голем грој на македонски композитори посветиле свои дела токму за хорот „Менада“.

Хорот има повеќе настапи со нашата Филхармонија и има издадено повеќе аудио и ЦД записи, добитник е на 19 Ноемвриската награда на град Тетово, како и наградата „Кирил Пејчиновиќ“.

Основач на хорот е д-р Ивица Зориќ кој за својата досегашна работа е добитник на повеќе награди за диригент во Полска, Србија, Бугарија, Грција, на фестивалите во Македонија, како и највисоката државна награда „11 Октомври“ во 2005-та година.

По повод јубилејот, хорот „Менада“ одржа двочасовен концерт во поранешниот Дом на Армијата на кој беа изведени десетина композиции кои во минатото биле наградувани или биле претставени на значајни хорски фестивали во повеќе држави.

Со мешовитата програма на концертот се одбележа она што хорот го направил со пеење на повеќе од 20 јазици, со изведба на над 500 композоции и одржани над 1.500 концерти во 21 земја во Европа.

Јубилејот е одбележан и со изложба со фотографии и постери од поранешните настапи на хорот.