Пендаровски: Нашиот европски пат беше неправедно блокиран, да работиме на реформите за подобар живот на граѓаните
Нашиот европски пат беше неправедно блокиран. Но, кога ги знаеме нашите црвени линии, не треба да сме преокупирани колку време ќе биде потребно за другите да се соочат со вистината за нас. Треба да работиме на реформите за подобар животот на граѓаните- годишно обраќање на шефот на државава, Стево Пендаровски...

Нашиот европски пат беше неправедно блокиран. Но, кога ги знаеме нашите црвени линии, не треба да сме преокупирани колку време ќе биде потребно за другите да се соочат со вистината за нас. Треба да работиме на реформите за подобар животот на граѓаните- годишно обраќање на шефот на државава, Стево Пендаровски. Пред пратениците говореше за актулените политички случувања и евроинтеграциите.
Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид, рече претседателот во обраќањето на кое присуствуваа и високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници.
Според него, од новата Влада во Бугарија и од претседателот кој има нов мандат се испраќаат и поинаку интонирани пораки.
Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока, рече претседателот Пендаровски.
