СЗО

Клуге: Доаѓа уште една бура, Омикрон е веќе доминантен во неколку земји

22.12.2021 13:40

Значителен пораст на новозаболени е забележан во Африка. Според неделниот билтен на организацијата, расте бројот на случаи и во Западен Пацифик. Најголем број на нови инфекции минатата недела биле регистрирани во САД, Обединетото Кралство, Франција и Германија.

Светската здравствена организација регистрира благ пад на бројот на новозаразени и починати од коронавирус во светот. Значителен пораст на новозаболени е забележан во Африка. Според неделниот билтен на организацијата, расте бројот на случаи и во Западен Пацифик. Најголем број на нови инфекции минатата недела биле регистрирани во САД, Обединетото Кралство, Франција и Германија.

„Доаѓа уште една бура. Омикрон е веќе доминантен во неколку земји, вклучувајќи ги Данска, Португалија и Обединетото Кралство. Но, има и една позитивна нота. Раните докази говорат дека вакцините продолжуваат да ја вршат својата работа, но потребно е час поскоро да запре трансмисијата“, изјави Ханс Клуге, регионален директор на СЗО- Европа.

Во Обединетото Кралство, премиерот Џонсон отфрли било какви нови мерки пред Божик. Во пресрет на Божикните празници, во Шведска, баровите, кафулињата и рестораните ќе работат, но на другите дејности им се препорачува работа од дома. Холандија воведе строги ограничувања, Австрија прима само вакцинирани лица со бустер доза или две вакцини и ПЦР тест. Германија и Португалија со пост- божикни мерки.

„Ограничувањата на контактите се повторно неопходни и за оние кои се вакцинирани и оние кои го прележале вирусот. Приватните состаноци се ограничени на максимум 10 лица. Ова особено се однесува на новогодишната ноќ. Не е време за забави и социјални вечери во големи групи“, изјави германскиот канцелар, Олаф Шолц.

По првиот смртен случај од Омикрон, Израел планира граѓаните да ги вакцинира со четврта доза против Ковид-19. Премиерот Бенет изјави дека четвртата доза би се давала најмалку четири месеци по третата. Израелските здравствени експерти ја препорачаа четвртата доза за лица над 60 години и сите здравствени работници.

 

Маријана Димовска