Средношколците од „Гошо Викентиев“ во Кочани од утре се враќаат на настава
Обезбедени се услови за настава во Средното училиште „Гошо Викентиев“ во Кочани по поплавата од пред десеттина дена. Од утре учениците се враќаат на настава, а надлежните работат на утврдување на штетата и одговорноста...

Околу 700 ученици од средното училиште „Гошо Викентиев„ во Кочани од утре се враќаат на настава во училиштето кое пред десеттина дена беше поплавено од дождот кој навлезе од кровот во реконструкција. Услови за настава има на првиот кат, вели директорот.
Сѐ уште се утврдува штетата, но се утврдува и одговорноста за хаваријата.
Според првичните проценки целосно се уништени седум училници, 70 компјутери, 100 клупи и 200 столчиња. Изведувачот „Еврометал“ од Виница изврши санација на кровот, но реконструктивните зафати ќе продолжат откако ќе се обезбедат услови за безбедна градба. Рокот за завршување на работите е до крајот на февруари.
Славица Величковска
