Македонија

Подготвен прифатниот пункт за згрижување бездомни лица во Струга

22.12.2021 14:05

Подготвен прифатниот пункт за згрижување бездомни лица во Струга. Оваа зима привремено беа згрижени две лица од регионот. Од Црвениот крст апелираат граѓаните да пријавуваат бездомни лица, за да добијат засолниште во ладните зимски денови...

Подготвен прифатниот пункт за згрижување бездомни лица во Струга.  Во екстремно ниските температури во двата контејнери на Црвен крст се сместуваат бездомни лица од целиот регион. Привременото прифатилиште има затоплување, кревети, ќебиња и капацитет за згрижување на 4 лица. На бездомните лица им се дели и храна, но ова не е трајно решение туку само засолниште. Оние на кои им е потребна здравствена нега и подолго згрижување се транспортираат во Скопје.

„Капацитетите се комплетно опремени за да можат да им дадат можност на лицата да се сместат да добијат топол оброк, облека и се она што е потребно но овој систем на сместување многу ни е важна соработката со центрите за социјална работа. За да ги усогласиме сите оние активности кои се со цел да се поктријат потребите на ранливите целни групи“, вели Сузана Паунковска секретар на Црвен крст Скопје.

Во Охридско- струшкиот регион има мал број на лица кои изминативе пет  години побарале сместување. Оваа зима привремено  беа сместени две бездомни лица.

„Не се работи за класични бездомници. Во изминатите години евалуациите и извештаите покажале дека се работи за лица од социјален економски момент во текот на зимата немаат добри, соодветни живеалишта. И тогаш реагиравме со изнајмување на соби бидејќи тие лица не беа класични бездомници“, додава Паунковска.

Од Црвениот крст апелираат граѓаните да пријавуваат бездомни лица, за да добијат засолниште во ладните зимски денови. Контејнери за привремено сместување на бездомници, покрај во Струга  има и во Битола и Струмица.

 

Соња Рилковска