Пендаровски: Ако целта е нашиот идентитет, нема политичар што тоа може да го прифати
Европската унија е најдобра опција, но патот е неправедно блокиран, ако целта е нашиот идентитет, нема политичар што тоа може да го прифати- во годишното обраќање во Собранието порача претседателот Пендаровски. Вели, нема опасност од безбедносна дестабилизација ако продолжи блокадата на македонските евроинтеграции...

Нашиот пат кон Европската унија е неправедно блокиран. Освен разочарани, станавме и опседнати за тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите, рече претседателот Пендаровски. Смета дека кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, клучните реформи дома да се исполнат до крај. Шефот на државата е за внимателен и обмислен пристап во преговорите. Сепак, вели Пендаровски, загрижува реториката од Софија за нашата историја, јазик и идентитет. Сериозно е обвинувањето дека спроведуваме системска дебугаризација, кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. И ако потрае блокадата, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација, независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат, смирува Пендаровски.
Претседателот очекува новата влада да се зафати со решавање на реалните проблеми на граѓаните, од пандемијата и економијата сè до енергетската криза. Покрај двата месеца за локалните избори, Пендаровски смета дека многу време се потрошило за партиски комбинаторики и калкулации за ново парламентарно мнозинство. Се осврна и на оставката на Заев, со кого како што рече, имале неколку несогласувања, што е потврда за демократијата во земјата.
Покрај тековните реформи во одбраната и безбедноста како земја-членка на НАТО, Пендаровски побара целосна департизацијата на институциите. Политиката мора да биде што подалеку од армиските редови и од службите.
Реформите во сферата на владеењето на правото се најважниот приоритет за државата, независно од темпото на евроинтеграциите. Функционална правна држава е единствениот начин да се врати довербата во институциите, потенцира Пендаровски. Побара правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела.
На почетокот од обраќањето, едноминутна почит на нашите сограѓани кои ги загубија животите во сообраќајната несреќа во Бугарија, во пожарот во Тетовската модуларната болница и на оние кои починаа од Ковид-19.
Милчо Велески
